ЈЗУ Градска општа болница „8-ми септември“ е најдобро рангиран ковид-центар

 Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата (БПК) денеска ги презентираше анализите за ризични области од корупција во животната средина и здравството.

Иако се работи за две различни области, заедничко им е тоа што корупцијата е присутна и во областа на животната средина и здравството.

Од Платформата велат дека делување во овие две области, ќе резултира со поголема соработка со други граѓански мрежи и институции и работи кон унапредување на политиките во областите и меѓусебно градење на капацитетите. Воедно ќе придонесе кон вклучување на антикорупциски пристап во секторската анализа за планирање на реформи во областите животна средина и здравство.

Првата анализа што ја презентираше Александар Цеков од Центарот за истражување и креирање на политики – членка на Платформа БПК на тема „Мапирање на ризици од корупција во животната средина“ покажува дека злоупотребата на службената положба и овластувања е најчеста форма на корупција со којашто 63 проценти од анкетираните граѓани се соочиле, на второ место е непотизмот и на трето место е конфликтот на интереси.

За најкорумпирана област, граѓаните ја издвоиле урбанизацијата и просторното планирање со средна оценка од 7,81 – на скала од еден до десет. Веднаш потоа следува правосудството како втора најкорумпирана област со средна оцена од 7,59, а на трето место е областа заштита на животната средина со средна оцена од 7,18. Како што покажува анализата, две од првите три области се однесуваат на животната средина, со што може да се каже дека испитаниците се свесни и ја препознаваат корупцијата во оваа област.

Како генерални препораки од истражувањето се споменуваат транспарентноста при работата на институциите, консултации со засегнати страни при носење на закони, да се ограничи дискреционата моќ при одлучување на раководните органи, целосно усогласување на домашното законодавство со она на Европската Унија.

Целосната анализа за корупција во животната средина е достапна на следниот линк.

Во однос на здравството, Платформата спроведе „Анализа на еднаквоста на испорачаните здравствени услуги во различните Ковид-центри“, при што во период од од 1 октомври 2020 до 31 март 2021 година се истражуваше работата на 28 Ковид-центри во државата.

Анализата покажува дека од вкупниот број на истражувани Ковид-центри, само пет овозможиле високо ниво на здравствени услуги, додека 21 овозможиле просечно ниво, а два од Ковид-центрите овозможиле ниско ниво на здравствени услуги.

Најдобро рангиран Ковид-центар е во ЈЗУ Градска општа болница „8-ми септември“, што им овозможил највисоко ниво на медицински услуги на хоспитализираните пациенти, додека ЈЗУ Универзитетска клиника за уво, нос и грло – Скопје е најдолу на листата.

Додека траела анализата, во Ковид-центрите ширум државата починале вкупно 3.139 пациенти или во просек 17,4 пациенти дневно. Во просек, на секои шест хоспитализирани починал по еден пациент, а исто така 74,5 отсто од хоспитализираните пациентите добиле кислородна поддршка.

Просечно во Ковид-центрите имало еден член на медицинскиот персонал на секои шест пациенти, еден лекар на секои 22 пациенти и една медицинска сестра на секои десет пациенти.

Во однос на набавката на лековите Клексан и Фраксипарин, што најчесто се користеле за лекување на пациентите во Ковид-центрите, потрошени се околу 2,2 милиони евра. Податоците покажуваат дека 94,8 проценти од набавките на лекови се спроведени со користење отворени постапки, додека останатите 5,2 отсто преку постапката со преговарање без претходно објавување оглас.

Како заклучок на оваа анализа се наведува дека постојат големи разлики помеѓу 28-те Ковид-центри кои беа предмет на анализата, како во однос на бројот на ангажираниот медицински персонал, потрошените лекови за третман на хоспитализираните пациенти, дадената кислородна поддршка, потрошените маски така и во однос на бројот на просечни денови на хоспитализација и стапката на смртност на пациенти.

Целосната анализа за ова истражување е  достапна на следниот линк.