Јужна Кореја е еден од најчесто посочуваните примери за успешно управување со отпадот од храна.

Photo by simon peel on Unsplash
Според податоците наведени од Lowy Institute, во земјата денес се рециклираат околу 98 отсто од отпадот од храна, во споредба со помалку од 3 отсто во 1995 година.
Промената е резултат на комбинација од задолжително одвојување на отпадот, финансиски казни за непочитување на правилата и долгорочна едукација на граѓаните. Наместо остатоците од храна да завршуваат заедно со другиот комунален отпад, домаќинствата и бизнисите се должни да ги одвојуваат и да ги фрлаат на предвидени места.
Системот вклучува и мерки со кои се поттикнува намалување на количината на фрлена храна. Во одредени општини се користат специјални контејнери со електронски картички и мерење на тежината, при што надоместокот зависи од количината на отпад што ја создава домаќинството.
Рециклираните остатоци од храна се преработуваат во производи како добиточна храна, компост и биогас, зависно од видот на отпадот и технологијата што се користи.
Јужна Кореја има поставено и цел до 2030 година да го преполови отпадот од храна. Нејзиното искуство покажува дека резултатите не зависат само од свеста на граѓаните, туку и од функционален систем, јасни правила, инфраструктура и доследно спроведување на политиките.

Photo by Joshua Hoehne on Unsplash
Дали може и Македонија да го следи овој пример?
Македонија во 2025 година собрала над 639.000 тони комунален отпад, 99,8 отсто завршиле на депонии
Во Македонија во 2025 година биле собрани 639.668 тони комунален отпад, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Од нив, 553.126 тони, односно 86,5 отсто, биле мешан комунален отпад. На депониите завршиле 99,8 отсто од собраниот отпад.
Вкупното количество создаден комунален отпад изнесувало 755.789 тони, или 417 килограми по жител годишно. Од собраниот отпад, 537.341 тон потекнувале од домаќинствата, што претставува 84 отсто од вкупната количина. Статистиката евидентира и 34.757 тони собран органски отпад, 15.500 тони пластика и 10.217 тони хартија.
Според Министерството за животна средина и просторно планирање, општините во земјата не организираат посебно собирање на биоотпадот, а активностите за преработка и рециклирање на комуналниот отпад се ограничени. Министерството наведува и дека околу 78 отсто од населението е опфатено со јавниот систем за собирање комунален отпад.
За Македонија да постигне резултати споредливи со оние на Јужна Кореја, потребни се сериозни структурни и институционални промени во управувањето со отпадот. Тоа подразбира воспоставување систем за одделно собирање на биоотпадот, изградба на соодветни капацитети за компостирање и друга преработка, обезбедување финансиски и човечки ресурси за општините и доследно спроведување на законските обврски.
Потребни се и јасно утврдени надлежности, редовен надзор и долгорочни политики што ќе го намалат количеството отпад што завршува на депониите. Во Јужна Кореја, резултатите се постигнати преку повеќедецениско воведување мерки и развој на инфраструктура, што покажува дека ваквата промена бара континуирано институционално дејствување, а не само промена на навиките на граѓаните.