Јурумлери добива клучка со поврзување на автопат, најави Стефковски

Градоначалникот на Општина Гази Баба и кандидат за нов мандат, Бобан Стефковски денеска информираше дека Јурумлери добива клучка со поврзување на автопат. Тој денеска заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски и стручна екипа, го посетија Јурумлери.

„Она што е одлична вест за жителите е дека долгогодишното барање за изградба на клучка со приклучок и исклучување на автопатот од Јурумлери конечно станува реалност! Ова ќе донесе големи придобивки: брз и безбеден пристап до автопатот; заштеда на време при патување; подобра економска поврзаност за бизнисите и локалните жители; побрз пристап за итни служби и поголема вредност на недвижностите“, истакна Стефковски во неговата објава на Фејсбук.

Тој исто така додаде дека во соработка со ЈПДП ќе реализираат и други два клучни инфраструктурни проекти.

„Во соработка со ЈПДП ќе ги реализираме и двата клучни инфраструктурни проекти: Целосна реконструкција на регионалниот пат Р1102 кој ги поврзува населените места од Ергеле до Дрма и Реконструкција на патот од Јурумлери до Драчево, со изградба на кружен тек кај Јурумлери“, најави Стефковски.

Тој нагласи дека ова биле значајни проекти што ќе го подобрат квалитетот на живот во целиот регион.