Јубилејна прослава на Бадник утре на платото пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“

И покрај стрoгите ковид протоколи, прослава за Бадник во центарот на Скопје ќе има. 

Одборот за традиционална прослава на Бадник во Скопје информира дека на 6-ти Јануари 2022 година (четврток) по 30-ти пат ја организира манифестацијата Бадник 2022. 

Со оглед на актуелната состојба со пандемијата и строгите мерки за заштита на здравјето на граѓаните и на бадникарите предвидените активности на платото пред Соборниот Храм Свети Климент Охридски ќе се одвиваат во изменета форма.

Како и минатата година делењето бадникови гранчиња ќе се одвива на двата влеза во дворот на Храмот од страната на улиците Партизанска и Климент Охридски веднаш по осветувањето на гранчињата, подигањето на Бадникарското знаме и исполнувањето на нашата химна нешто по 10 часот.

Кумовите Драган Спасов –Дац и Александар Митевски и здравичарот Живко Поповски –Цвети заедно со претставници на Одборот ќе престојуваат во Домот за стари лица во Злокуќани при што ќе врачат пригодни подароци за да им ја доловат атмосферата во пресрет на големиот Христијански празник Божик и заедно со сограѓаните и персоналот ги споделат радоста и среќата што ги  носи претстојниот голем празник.

Откако пред Храмот ќе пристигне со пајтон Стариот Кум Др.Никола Пановски и минатогодишниот Здравичар Д-р Миодраг Врчаковски и новите Кумови и Здравичарот по престојот во Злокуќани по 10. 30 заедно со другите високи гости ќе се упатат кон Храмот каде што во присуство на Поглаварот на МПЦ Господин Господин Стефан и свештенослужители ќе се одвива чинот на предавањето на Бадникарскиот Ќуп на новите Кумови,обраќањето на Поглаварот,осветувањето на погачата со почеток во 11 часот со пренос на целокупната содржина на Првата програма на Македонското Радио.

По завршувањето на целокупната церемонија Новите Кумови со Ќупот заедно со Здравичарот ќе го напуштат Храмот и со Пајтон ќе се упатат кон своите домови поздравени од скопјани.