ЈСП со важно потсетување за студентите и пензионерите

ЈСП Скопје ги потсетува студентите и пензионерите – корисници на јавниот превоз во Град Скопје – дека е неопходно навремено продолжување, односно заверување на годишните билети за 2026 година, со цел непречено користење на бесплатниот јавен превоз.

Од ЈСП информираат дека студентите кои користат студентски годишен билет за бесплатно возење треба да ја извршат заверката најдоцна до 20 јануари 2026 година. „Ќе има разбирање и отстапки во делот на казнените санкции до наведениот датум“, наведуваат од претпријатието, со апел студентите навремено да ги заведат своите билети. Заверката се врши од 25 декември 2025 година во кој било центар за персонализација на ЈСП, со лично присуство и со доставување потврда за редовен студент од акредитирана високообразовна установа, оригинал индекс со запишан зимски семестар и лична карта на увид.

Студентите – бруцоши од академската 2025/2026 година автоматски го задржуваат правото на важност на билетот и за наредната календарска година. Од ЈСП појаснуваат дека студентскиот годишен билет важи за неограничен број возења на сите градски и приградски линии, со исклучок на ноќната тарифа. Притоа, нагласуваат дека картичката „Скопска“ со соодветен билет е единствениот валиден документ за бесплатно користење на јавниот превоз, додека индекс или потврда за редовен студент не се признаваат како доказ.

Во соопштението е вклучено и потсетување до корисниците на билети за возрасни лица од старосната група над 62/64 години, кои треба да ја извршат заверката на бесплатните годишни билети за 2026 година најдоцна до 31 јануари 2026 година, во некој од центрите за персонализација, со лично присуство и документ за идентификација. Билетите што нема да бидат заверени до овој рок ќе бидат автоматски блокирани.

Од ЈСП појаснуваат дека по истекот на рокот, корисниците нема да можат да заверат месечен пензионерски билет од 300 денари без претходно заверен бесплатен годишен билет.