ЈСП со нова автобуска линија и нов возен ред

Нова линија во градскиот превоз ќе биде „28“, која ќе сообраќа на релација Транспортен центар-Нерези, односно до комплексот „Македонско село“ на Водно. Оваа линија досега беше пробна.

Kако што се прецизира во одлуката, со отворањето на новата линија, продолжувањето на постојните линии и промените во возниот ред, логички се наметнува и потребата од зголемен број автобуси и возачи, кои се потребни за реализација на оваа интервенција.

Во одлуката е наведено дека одредени линии се димензионирани, а други се предимензионирани. Тоа значи дека димензионираните линии се опслужени со по три возила и 6 до 7 возачи, а на предимензионираните линии ако има потреба се додава уште едно возило со двајца до тројца возачи.

Со промената на линиите се наметнала и потребата од отворање нови свртувалишта и стојалишта, па во одлуката е наведено дека е додадено ново свртувалиште во Нерези за линијата „28“ до „Македонско село“. За оваа линија ќе има и нови стојалишта на местата: „Македонско село“, џамија Нерези и црква „Свети Илија“.

Kако што пишува во образложението, измените се засновани на информации и барања добиени од граѓаните, од снимањата на линиите и од анализа на податоците од системот за автоматска локација на автобусите.