ЈСП Скопје се огласи по денешниот инцидент

ЈСП Скопје сака да ја информира јавноста дека е запознаено со денешниот инцидент кој се случил меѓу патник и двајца контролори во автобус на линија 2 во Сарај кон Центар, неколку минути после пладне, а кој за кусо време ги преплави социјалните мрежи, стои во соопштението од претпријатието за денешниот инцидент помеѓу патник и контролори.

-Веднаш по инцидентот, на терен излезе екипа на Внатрешна контрола на ЈСП, а повикана била и екипа на МВР. Според исказот на контролорите, инцидентот се случил откако патник без билет физички го нападнал едниот контролор, по што, се вмешал и другиот контролор. Патникот, според Внатрешната контрола, се обидел да избега, но бил приведен од страна на екипа на МВР. И патникот и контролорите дадоа исказ во МВР. Во случајов, и Внатрешната контрола на ЈСП Скопје ќе утврди дали евентуално и контролорите имаат вина во инцидентот, односно дали го прекршиле Кодексот на вработените и дали против нив ќе се поведе соодветна дисциплинска постапка, стои во соопштението и се додава:

„ЈСП Скопје сака да потенцира дека не толерира кршење на Кодексот на вработените од страна на било кој вработен (возач, контролор, билетарка, аминистративен работник и слично) и е отворено за жалби/пријави/поплаки од секаков вид. Истите можат секојдневно да се доставуваат на веб страницата на ЈСП Скопје www.jsp.com.mk или во инбокс на www.facebook.com/jspskopjee , со точно наведени податоци за настанот (ден, време, линија, гаражен број на возило и слично), за да внатрешната контрола или друга соодветна служба го испита случајот и против вработениот, доколку се утврди вина, презеде соодветна дисциплинска мерка“.