ЈСП: Нема повредени во запалениот автобус

Нема повредени патници во двокатниот автобус на линија 5 во кој утринава избувна пожар, причинета е само материјална штета. 
Настанот се случил во близина на Општина Ѓорче Петров, кога автобусот сообраќал на редовната линија 5 (Дексион-Ново Лисиче) во правец кон центар.
Пожарот, чии причини се утврдуваат, е изгаснат во брзо време, благодарение на брзата интервенција на екипата на Противпожарната бригада.
Внатрешната контрола на ЈСП Скопје веднаш излезе на терен и се утврдуваат причините на пожарот.
Возачот на автобусот изјавил дека за време на возењето забележал чад од горниот кат на возилото, застанал и со ПП апарати се обидел да го изгасне. Во меѓувреме забележал и искрење и повикал на помош екипа на Противпожарната бригада. Пожарот бил изгаснат во најбрз можен рок.
Во моментов, на терен врши увид и екипа на МВР.