ЈСП доби зелено светло да набави околу 35 нови еколошки нископодни автобуси кои ќе бидат купени со заем од ЕБОР

ЈСП доби зелено светло да набави околу 35 нови еколошки нископодни автобуси кои ќе бидат купени со заем од ЕБОР. Договорот за заем се потпиша денеска во Министерството за финансии со што ЕБОР на ЈСП му става на располагање 10 милиони евра.

Договорот го потпишаа директорот на ЈСП, Кристијан Чушков и заменик директорот на Европската банка за обнова и развој за општинска и еколошка инфраструктура, Лин О’Грејди, додека градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и министерот за финансии, Драган Тевдовски ги потпишаа договорите за општинска и државна гаранција на заемот.

Освен заемот од 10 милиони евра, во набавката на автобусите со два милиона евра сопствени средства ќе учествува ЈСП. За 10-те милиони евра од ЕБОР заемопримач ќе биде ЈСП, Град Скопје ќе издаде општинска гаранција, а Република Македонија ќе издаде државна гаранција. Рокот за отплата на заемот е 10 години, со вклучен грејс-период од три години. Каматната стапка е варијабилна и изнесува шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од еден процент.

Новите автобуси треба да работат на компримиран природен гас, со голема економска исплатливост и еколошка предност во однос на карактеристиките на постојните автобуси.