ЈСП демантира: Планираме 170 нови вработувања, а не 233!

Информацијата за нови вработувања во ЈСП предизвика лавина реакции, особено од ова претпријатие од каде ескпресно стигна реакција и појаснување за бројот на лица кои ќе бидат вработени, како и за начинот како ќе се избираат кандидати по етничка застапеност.

Имено, од ЈСП во реакцијата испратена до нашиот медиум, а во врска со текстот „ЈСП годинава ќе вработи 233 лица по етнички клуч“, меѓу другото се вели:

– Во ЈСП Скопје годинава нема да се вработат 233 лица по етнички клуч, ниту пак, во Секторот за поддршка на директорот, односно во одделот за односи со јавност и меѓународна соработка ќе се вработат 10 извршители, ниту до крајов на годинава бројот на вработени ќе достигне 1.478, ниту се најавени 30 заминувања од работа… Согласно Годишниот план за вработување за 2019 година, ЈСП Скопје има планирано 170 нови вработувања. Согласно балансерот за распределба на вработувања на правична застапеност, предвидено е од планираните 170 лица, 116 да бидат Македонци, 32 Албанци, 11 Роми, 6 Срби, 1 Бошњак и 4 други. За 2019 година се планирани 60 пензионирања, а во Сектор за поддршка на директор предвидено е вработување само за Раководител на сектор за кој од буџетот на ЈСП Скопје се планира десет месеци од 2019 година да се обезбедат средства за тоа работно место односно вработувањето да се реализира во февруари месец.

Оттаму демантираат дека со планираните нови работни места до крајот на годината бројот на вработени треба да достигне бројка од 1.478.

– Вработени 1.478 би имало во случај да во 2018 година сме оствариле 233 вработувања, што не е реализирано. Моментално во ЈСП Скопје се вработени 1296 лица, од нив 60 се планирани пензионирања и доколку се остварат сите 170 вработувања за годинава, тогаш, до крајот на 2019 година бројот на вработени би изнесувал 1406 – велат од ЈСП.

Појаснуваат дека Годишниот план за вработување се изготвува на образец кој е составен дел на Методологија, а која во електронска форма се презема од веб страницата на Министерството за информатичко општество и администрација, како и на веб страницата на која е и балансерот за распределба на вработувањата по правична застапеност.

– ЈСП Скопје има обврска до 31 март да го изготви Годишниот план за вработување за 2020 година, истиот потоа треба да добие согласност од страна на Советот на Град Скопје, кој потоа најдоцна до 31 мај се препраќа на мислење до Министерството за информатичко општество и администрација. Доколку не се добие позитивно мислење нема да може да се објави оглас за вработување на неопределено време, што значи дека ЈСП Скопје нема изготвено Годишен план за вработување за 2020 година – велат од ЈСП.