ЈСП да ја прифати идејата - бесплатни дезодоранси за патниците кои се возат со метро во Виена

Од ден на ден станува сѐ поневозможно да се користи јавниот градски превоз на кој градот толку многу инсистира...

Градското јавно сообраќајно претпријатие Wiener Linien во Виена почна да дели бесплатни дезодоранси на патниците со метро, поточно на линијата У6. Планирано е да бидат поделени 14 000 бесплатни дезодоранси. Со оглед на тоа што линијата У6 во некои делови поминува над земја, вагоните бргу се загреваат.

Моментно само околу 50 отсто од возовите на оваа линија се климатизирани, додека на преостанатите на прозорците има залепено заштитна фолија со помош на која температурата може да се намали  за 4 степени.

Главниот град на Австрија оваа година прослави 40 години од постоењето на подземната железница. Денешниот виенски „У-бан“ има вкупно пет линии, 109 станици, вкупна должина од 83 километри, а лани биле превезени 450 милиони патници.

А како да се натераат граѓаните наместо со својот автомобил, на работа да заминат со автобус, кога повеќето се стари возила што личат на подвижни сауни на четири тркала, бидејќи најчесто се неклиматизирани.