ЈП Водовод и канализација – Скопје организираше прва меѓулабораториска средба за споредба на резултати добиени од тестирање на површински води

Секторот за санитарна контрола при ЈП Водовод и канализација – Скопје ја организираше првата меѓулабораториска средба за споредба на резултати добиени од тестирање на површинска вода. Во рамки на својата дејност и акредитација според ISO 17025, како и долгогодишно искуство и професионализам во областа, Секторот за санитарна контрола при ЈП Водовод и канализација – Скопје иницираше и ја реализираше првата меѓулабораториска средба за споредба на резултати добиени од тестирање на површинска вода земени по стандардна метода, ISO 5667-5 – Квалитет на вода – Земање на примероци-Дел 6 :Упаство за земање на примероци од реки и потоци, од страна на акредитираното одделение за санитарна контрола, со реномирани лаборатории на локално и државно ниво.

Во меѓулабораториската споредба, покрај хемиската лабораторија на Секторот за санитарна контрола, покана за учество добија и со задоволство ја прифатија лабораториите на Институтот за јавно здравје на РСМ, Центарот за јавно здравје на град Скопје, УНИЛАБ при Универзитетот “Гоце Делчев” од Штип, Технолаб – Скопје, Воено-медицинскиот центар – Скопје и Техничкиот институт – Неготино.

„На средбата беа дефинирани параметрите за анализа од заеднички интерес за сите лаборатории – учеснички, а воедно беа и дефинирани условите под кои ќе се спроведува овој проект, времето за достава на резултатите од анализите, како и изработката на споредбениот извештај врз основа на тие резултати. Ова е пионерски проект на ЈП Водовод и канализација – Скопје, една новина во нашата држава во однос на меѓулабораториската соработка, која се надеваме дека оттука само ќе се проширува се во насока на подобрување на квалитетот на услугите, квалитетот на работењето и постигнување на едно повисоко ниво со сите капацитети кои работат во оваа област во нашата држава“ – посочи Билјана Петровска, раководителка на Секторот за санитарна контрола при ЈП Водовод и канализација – Скопје.