ЈП “ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИЛО”: Парковите нема да имаат само клупи и трева, ќе добијат и цветни фигури

Уредено зеленило на површина од 3.865м² со сите современи стандарди го разубави зеленилото на аголот помеѓу улицата „Втора Македонска бригада“ и „Кемал Сејфула“ во општина Чаир, а го носи името “Паркот на радоста”.


Како новина на оваа зелена површина преовладува цвеќето , каде екипи со сезонски цветен расад од видот хризантема и љубичица ја уредија новата цветна фигура во форма на „торта“, која претставува интересна содржина за посетителите и минувачите. Исто така извршена е целосна реконструкција на тревната површина, се инсталира целосен нов систем за полевање на зеленилото, се засадени и зимзелени садници, а во соработка со општината се поставени и парковски клупи и корпи за отпадоци.

В.Д Директорот Ардијан Муча посочи дека овој парк е дел од проектните решенија за уредување на јавни зелени површини низ градското зеленило како дел од интензивните активности на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје во координација со Град Скопје и општините.

– Оваа сезона ќе се менува начинот на работа, односно новите зелени површини ќе бидат со проект, освен клупи и корпи парковите ќе имаат и фигури.

Таков проект веќе се прави за Ѓорче Петров , Аеродром кај булевар Србија и во Чаир, вели директорот Муча.
Инаку деновиве низ парковите и булеварите во градот може да се забележат екипи на ЈП Паркови и зеленило како ги обојуваат тревните површини со нов есенски расад.Тие најпрво го припремаат теренот со отстранување на летниот расад, поткопување и порамнување, а потоа му даваат нова живост и бои со разни цветови прикладни за ова време од годината.

Од јавното претпријатие посочуваат дека се менува целото цвеќе во Скопје. Исто така низ градот ќе бидат засадени 4.000 садници од кои само во Аеродром 1.800. До крајот на ноември се очекува да заврши есенската акција на садење на цвеќиња и садници.