ЈП Лајка работи без одобрение од Агенција за храна и ветеринарство

По поднесената претставка на Драгана Велковска, до Агенцијата за храна и ветеринарство, во врска со работењето на ЈП Лајка.

Нејзиното обраќање до медиумите го пренесуваме во целост:

„По добиен одговор на претставката што ја поднесов против ЈП Лајка Скопје, ја известувам јавноста дека
прифатилиштето работи без одобрена програма од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Одобрувањето на програмата е законска обврска според чл. 28 ст. (3) од Законот за заштита и благосостојба на животни!

Освен што ЈП Лајка работи без одобрена Програма, граѓаните ги врзува во формално-правни односи со договори со незаконска содржина.
И со Договорот за вдомување на бездомно животно и со Изјавата за враќање на бездомно животно
на локацијата од којашто било заловено - ЈП Лајка за себе ги задржува сите права,
а на граѓаните им ги наметнува сите обврски, вклучително и кривичен прогон.

Незаконското работење на институции платени со јавни пари создава правна несигурност,
оправдан револт кај граѓаните и оправдана длабока недоверба кон институциите.

Очекувам итна реакција од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство и прекин на незаконското работење на ЈП Лајка.
Очекувам Управниот инспекторат да наложи итно повлекување на незаконските Договор и Изјава на ЈП Лајка.
Барам да бидат санкционирани лицата кои го овозможиле противзаконскиот текст на Договорот, Изјавата и Програмата
и допуштиле овие да бидат официјални документи на прифатилиштето со кои се воспоставуваат формално-правни односи со граѓаните.

Ако јавните претпријатија кои се финансираат со јавни пари не ги почитуваат и спроведуваат законите и не се санкционирани,
каква порака тоа праќа на приватниот сектор, на граѓаните?!

Одговорност, оставки и разрешување веднаш!“