Последниве неколку дена на социјалните мрежи е актуелен случајот со велешанката со попреченост, Билјана Гаврилова-Станковска, која доби казна од 3.000 денари од ЈП Градски паркинг Скопје затоа што паркирала на место обележано за лица со попреченост. Таа потоа доби извинување од директорот на јавното претпријатие, Крсте Петревски, по што ѝ беа вратени средствата кои ги издвои за да ѝ се отстрани блокаторот.
Таа на нејзиниот „фејсбук” профил ја сподели приказната, што потоа брзо се прошири низ медиумите. Паркирана на паркингот кај меѓуградската автобуска станица во Скопје на паркинг место означено за лица со попреченост, со автомобил кој имал соодветна ознака, како и со пратена смс-порака за електронска наплата на паркирањето, Гаврилова-Станковска добила блокатор на возилото затоа што според надлежните, месата биле наменети само за возила со скопски регистрации.
– Образложението кое го добив беше „вие сте од друг град и не смеете да паркирате“. Јас им реков, зошто не напишете дека паркингов важи само за возила од Скопје. Но, запознати со тоа што Град Скопје не дозволува бесплатни паркинзи за возилата од другите градови кои носат ознака за лице со инвалидитет, уредно си пративме смс-порака.
Таа во разговор со „А1Он” објаснува дека од ЈП Градски паркинг ѝ рекле дека „пораката не важи кога си паркиран на инвалидско место”. Таа објаснува дека во останатите градови во земјава никаде не е проблем да се паркираш на инвалидно место со инвалидско возило иако си од друг град, а според неа „само Скопје има дискриминирачко правило”.
– Не е мојот случај единствен, а ова ми се случува вторпат. Првиот пат немав пратено-смс затоа што не знаевме дека е забрането паркирање за инвалиди од друг град. Зошто само скопјани да паркираат. Ќе поднесам преставка до Комисијата за дискриминација. Здружението „Мобилност Македонија“ стои зад мене и оваа борба ќе ја истераме до крај – вели Гаврилова-Станковска.