Јовица Андоновски поднесе оставка од функцијата заменик-министер за здравство

Заменик-министерот за здравство Јовица Андоновски денеска соопшти дека поднел оставка од функцијата, наведувајќи дека одлуката ја донел од лични причини.

Во објавата Андоновски му се заблагодари на претседателот на Владата за довербата и можноста да биде дел од владиниот состав и да придонесува во унапредувањето на здравствениот систем.

Посебна благодарност упати и до вицепремиерот Љупчо Димовски за, како што наведе, искрената и коректна соработка, поддршката и професионалниот однос во текот на целиот период.

„За мене беше чест, но и голема одговорност да ја извршувам оваа функција“, напиша Андоновски.

Тој им се заблагодари и на колегите, здравствените работници и соработниците со кои работел, додавајќи дека заминувањето од функцијата не ја менува неговата почит кон институцијата и кон луѓето кои секојдневно се грижат за здравјето на граѓаните.

Андоновски на Владата ѝ посака успех во понатамошната работа и во, како што наведе, градењето подобар и поквалитетен здравствен систем.