Јога наутро – најдобриот начин да се започне денот

Во нашиот свет исполнет со аларми, брзини и обврски, почетокот на денот често го доживуваме како трка, а не како можност.

Photo by Valeria Ushakova

Но што ако утрото биде поинакво? Што ако наместо да скокнеме во денот, прво се приземјиме кон себеси? Токму тука јогата доаѓа како еден од наједноставните и најмоќни начини да се започне денот со свесност, спокој и сила.

Јогата не бара многу. Не ви треба студио, инструктор или посебна опрема. Доволна е само подлога, тивко место, и 10-тина минути од утрото. Денес, сè е достапно, на YouTube има безброј бесплатни видеа за јога, од кратки рутински серии до целосни програми. Секоја возраст, секое тело, секое ниво на кондиција може да започне со лесна јога. Особено во лето, кога деновите се подолги, а телото побрзо се буди, утринската јога е природен ритам што му одговара на телото и умот.

Научните истражувања постојано покажуваат дека утринската физичка активност го подобрува расположението, го регулира крвниот притисок и го намалува нивото на стрес хормони како кортизол. Јогата, дополнително, го активира парасимпатичкиот нервен систем, односно делот од телото што се грижи за смиреност и варење, за разлика од адреналинската вознемиреност која го карактеризира модерниот живот. Само неколку длабоки вдишувања, неколку истегнувања, и целиот ден изгледа поинаку.

 

 

За постарите луѓе, јогата е благ начин за да се одржи флексибилноста, рамнотежата и подвижноста на зглобовите. За младите – тоа е начин да се изгради свест за телото и да се намали анксиозноста. За оние во средни години – тоа е секојдневна пауза од надворешниот хаос. Летото особено го олеснува практикувањето – може да се вежба на балкон, на тераса, во парк или наутро со отворен прозорец и тивка музика. Таа атмосфера сама по себе е лек.

Најголемата убавина на утринската јога е во нејзината едноставност. Таа не бара од нас ништо, освен да се појавиме – во пижами, со надуено лице и поспано тело. Јогата не се грижи за формата, туку за присуството. За моментот. За она мало чудо што се случува кога длабоко ќе вдишеш и ќе почувствуваш дека си жив. Таа не е тренинг, туку враќање кон себе.