Јога: Кој е најдобриот избор за вас?

Во последно време јогата станува сè популарна поради мноштвото бенефити кои ги носи за нашето физичко и ментално здравје.

Photo by Stephanie Greene on Unsplash
 

Сепак, треба да знаеме дека постојат многу стилови и видови јога, па така ако сте заинтересирани за овој вид на вежбање, треба да го изберете најдобриот за себе.

Винјаса јога 

Винјасата во превод значи да го поставиме телото на одреден начин, а во овој случај опишува конкретни јога пози. Винјасата се смета за најатлетски вид на јога. Таа е адаптирана во текот на 80тите години, а денес е една од најомилените за многу љубители на јогата. Во овој тип на јога, движењето е координирано со дишењето и тоа се движи, односно тече од една поза во друга. 

Хата јога

Изразот хата е заеднички за сите физички поставувања на телото во јога. Но, во праксата, овој тип на јога се однесува на начинот на вежбање во кој се внесуваме во нашето физичко присуство. Таа е најдобра за почетниците и оние кои преферираат побавно вежбање. Денеска, хата часовите вклучуваат класичен пристап кон дишењето и вежбањето. Ако сте сосема нови во оваа област, хата јогата е најдобар избор за почеток.

Ајенгар јога

Ајенгар  јогата е фокусирана на поставеноста, како и деталноста на прецизните движења. Во овој тип на јога, оние кои вежбаат изведуваат низа поставувања на телото додека го контролираат дишењето. Во овој тип на јога, позите се одржуваат подолго време додека телото се поставува. Целта е да се усоврши поставеноста, додека се одржува дисциплината на безбеден начин. Ова е одличен начин на вежбање на луѓе кои се соочиле со повреди или пак оние кои сакаат да вежбаат бавно и методично.

Кундалини јога

Во кундалини јогата се обрнува еднакво внимание на физичкото со духовното. Овој тип на јога, првенствено се занимава со кундалини енергијата која е заглавена во нашето тело. Кундалини часовите се поразлични од останатите јога стилови бидејќи вклучуваат и пеење, кажување мантри и медитација.

Photo by Avrielle Suleiman on Unsplash

Аштанга јога

Во овој тип на јога, се очекува да го знаете текот на вежбите и да бидете дисциплинирани. Винјаса јогата произлегува од аштангата каде постои тек на движењата и дишењето. Сепак, аштангата не е за почетниците бидејќи бара одредена секвенца во позите, но и бара голем физички напор во одредени вежби. Таа секогаш почнува со поздравите на сонцето.

Бикрам јога

Овој тип на јога е насловена по Бикрам Чудри и вклучува сет на пози кои се изведуваат во топла соба, како во сауна со 40% влажност. Иако Чудри е контроверзен лик кој се соочил со тужби за сексуален напад во 2017 година, сепак овој тип на јога се изведува во различни делови од светот, бидејќи му помага на телото да се опушти, додека се ослободуваат токсините. Таа вклучува серија од 26 пози, кои се изведуваат по два пати. 

Јин јога

Јин јогата е стил на јога кој е многу бавен и многу љубители на јогата го изведуваат пред спиење. Овој вид јога вклучува пози во кои се бара да се остане подолго време, од 2-5 минути. Освен што помага да се истегне телото, јин јогата служи и како медитативна пракса која ни помага да го најдеме својот внатрешен мир. Овој тип на јога исто така е погоден за почетници, но таа бара трпение со оглед на должината на вежбите. 

Ресторативна јога

Оваа јога е одлична за одморање на умот по долгиот и напорен ден. Во својата суштина, таа се фокусира на релаксација на телото, но и чистење на лошите и негативни мисли од нашиот ум. Се практикува на тој начин што минуваме одредено време во неколку пози во текот на часот, а секоја од нив е модифицирана за да биде едноставна и релаксирачка. 

Анусара јога

Анусара јогата е модерна верзија на хата јогата, која е малку слична на винјасата, но со поголем фокус на балансот меѓу телото, умот и срцето. Таа е позната по тоа што се фокусира на отворање на срцето.