JO: Обвинителен акт против 38-годишен стружанец, преку апликации ширел детска порнографија

Јавното обвинителство извести дека е поднесено обвинение против 38-годишник од селото Велешта, Струга поради дистрибуција на детска порнографија. Имено тој во периодот од ноември лани до мај годинава пренесувал, нудел и на друг начин правел достапна детска порнографија преку компјутерски систем.

„На своите два мобилни телефони, преку инсталираните апликации за комуникација – Сигнал, Вајбер, Енигма, Телеграм и други, обвинетиот се приклучувал во затворени групи во кои членувале лица од повеќе земји во светот. Во групите чии имиња сами по себе упатувале дека се наменети за ширење на детска порнографија, но и во директна комуникација со приватни профили, обвинетиот споделувал, испраќал и примал фотографии и видео материјали кои очигледно прикажувале полови дејствија со малолетни лица или со лица кои изгледале како малолетници. Видеа и фотографии кои прикажуваат детска порнографија поседувал и во мобилните телефони и тие биле пронајдени кога телефоните му биле одземени при извршениот претрес“, се вели во известувањето на обвинителството.

Од таму додаваат дека е доставен предлог за продолжување на мерката притвор, но и да му бидат одземени мобилните телефони кои се корсителе средство за извршување на кривичното дело.