ЈКП „Илинден“ се поднови со приклучна опрема за трактор - најавени подобри комунални услуги

Општина Илинден информираше дека набавиле нова приклучна опрема и механизација за работна машина – трактор, наменета за потребите на ЈКП „Илинден“.

„Новата опрема ќе овозможи тракторот да се користи за повеќе различни активности во текот на целата година. Инсталирана е хидраулика за приклучната механизација, плуг и соларка за одржување на патиштата во зимски услови, четка за метење улици за поефикасно одржување на јавно-прометните површини, дополнителен плуг за заорување на противпожарни појаси, подготовка на површини при пошумување и реализација на акции за садење дрвца, како и приколка за транспорт на растителен и комунален отпад и за превоз на различни материјали за потребите на претпријатието“, посочија од Општина Илинден.

Оттаму порачаа дека со новата опрема значително ќе се зголемат оперативните капацитети на јавното комунално претпријатие и ќе се овозможи побрзо, поефикасно и поквалитетно извршување на услугите за граѓаните од сите населени места на општината.