Ј.Х.К.Џинот: „Кучевљани си дошли в Скопје и нарекле ја таја гора Црна Гора Скопска“

Ова село се наоѓа во северниот дел од Скопската Котлина, на потегот помеѓу реките Вардар и Лепенец, а во приградската зона на Општина Ѓорче Петров. Селото е ридско, на надморска височина од 560 метри. Селото се наоѓа на 15 километри североисточно од градот Скопје.

Атарот е среден по големина и зафаќа површина од 23,6 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 1.276 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 686 хектари, а на шумите 336 хектари.

Според монографијата на Марко Китевски, селото Кучково првпат се споменува во Грамота на царот Михаил IX Палеолог за манастирот „Св. Никита“ од 1399 година, во која пишува дека кралот Урош му ги потврдил на манастирот имотите, меѓу кои и селото Долно Кучково.

За селото пишувал и Јордан Хаџи Константинов - Џинот во еден допис објавен во „Цариградски весник“ во 1855 година, наведувајќи дека по доаѓањето на Османлиите северниот дел на Скопје останал „без Славјани и не е имало кој да ора и да сее земљата. Но некој разумниј Синан паша, кој добро сја е носил с христијаните, мука му е било Скопје да е без Славјани, от кои всичка земља сја е работила. Сам Синан паша, скопски, отишел в Црна Гора приморска, в село Куч, с голема молба и с обештанија мирни и царски фермани, штом да си бидат слободни и земља колку што искале бадијала им дал да дојдат в Скопје да живеат. И тако Кучевљани си дошли в Скопје и нарекле ја таја гора Црна Гора Скопска...“

Во XIX век, Кучково било село во Скопската каза на Отоманското Царство.