Најавени два концерта за во месец март. Станува збор за Јелена Томашевиќ и Јоце Панов.
На 8 март, Македонската опера и балет ќе биде домаќин на ексклузивен концерт на една од најпочитуваните музички ѕвезди на Балканот – Јелена Томашевиќ. Со овој настан, таа ќе го одбележи својот 20-годишен јубилеј на музичката сцена, прославувајќи две децении посветеност, уметност и искрени емоции што го освојуваат регионот.
- Во интимната и елегантна атмосфера на Македонската опера и балет, Јелена ќе им подари на присутните ноќ која ќе биде повеќе од концерт – ќе биде музичка приказна што ги поврзува срцата на сите генерации. Со нејзиниот извонреден вокал, кој е симбол на сила и нежност, Јелена ќе ги оживее своите најголеми хитови, како и песни кои оставија длабок печат на музичката сцена, велат организаторите.
Во изминатите две децении, Јелена Томашевиќ се издвои како музички феномен кој го спојува традиционалното и современото. Нејзиниот глас допира до сите, а нејзините песни се химни на љубовта, вербата и животот. Од незаборавната „Оро“, која го освои целиот континент, до емотивните балади како „Име моје“ и „Да ми је да ми се врати“, секоја песна носи дел од нејзината душа и приказна.
Јоце Панов, миленикот на женската публика, го најави својот концерт насловен како „Јоце Панов со концерт за Дамите“ на Денот на жената „8 Март“ во Македонска Филхармонија со почеток во 20 часот. Концертот е по повод неговата 25-годишна кариера.