Јави му се на татко ти...

Јави му се на татко ти и кога ќе те праша зошто се јавуваш, кажи дека само си сакала да му го чуеш гласот. Уште подобро, заблагодари му се за тоа далечно попладне кога те научи како да смениш гума на автомобилот. Кажи му дека секојпат кога гледаш натпревар на телевизија се сеќаваш на вашите заеднички гледања. Кажи му дека ги цениш сите тие тешки разговори кога седел покрај тебе кога ти било најтешко. Кажи му дека го сакаш и дека си среќна што баш тој се погодил да ти биде татко.

Јави ѝ се на мајка ти. Кажи ѝ колку ти било важно тоа што била присутна на секоја приредба и родителски состанок. Извини ѝ се за сите тинејџерски испади. Увери ја дека знаеш дека сѐ што правела било за твое добро, дури и кога тоа ѝ го кршело срцето. Кажи ѝ дека секојпат кога ќе го видиш твоето бебе, разбираш колку и таа те сака тебе. 

Најди време за твоите баба и дедо. Тропни им на врата и прегрни ја баба ти кога ќе те покани да влезеш. Пофали ги нејзините цвеќиња и земи едно од нејзините колачиња. Прашај го дедо ти дали го реши конечно тој крстозбор и слушај ги неговите приказни што ти ги раскажува. Вети му дека следна недела ќе го гледаш натпреварот и ќе навиваш за „неговите.“

Испрати му порака на брат ти која почнува со: „Се сеќаваш ли кога...“ Дозволи си да се изгубиш во спомените на деновите кога заедно растевте и учевте за животот. 

Кажи ѝ на сестра ти колку е убава, не само надворешно, туку и внатрешно. Прашај што се случува со новиот дечко и кажи ѝ дека е среќен што ја има. 

Договори кафе со најдобрата другарка со која долго време не сте се виделе. Не само празни ветувања од типот „Ајде да идеме на кафе“, туку конкретен договор кој ќе го исполните. 

А кога ќе завршите со сите тие работи, полека влезете во собата во кое спие вашето бебе и бакнете го неколку пати. Шепнете му на вашето бебе колку го сакате.

Сето ова направете го уште денес. Немојте да чекате. Сега, баш сега, во овој момент... Тоа се сите оние работи кои сме им ги ветиле на оние кои највеќе ги сакаме. Понекогаш тоа го забораваме. Работата е во тоа што во овој непредвидлив живот, навистина не смееме да си дозволиме да ги земаме работите здраво за готово.

Не знам што ќе донесе утрешниот ден, но можам да ви ветам една работа: Никогаш нема да се покаете што сте му се јавиле на вашиот татко.