Јавете се и пријавите доколку забележите кучиња-скитници низ скопските улици

Граѓаните реагираат дека низ улиците на градот има многу кучиња-скитници. Некои од нив не се опасни, но некои покажуваат агресивност, иако се обележани со ушни маркички што значи дека се стерилизирани. 

Градските власти планираат в година да заловат и да истретираат 3.000 бездомни кучиња, односно секој месец по 250. Скитниците ќе бидат заловувани во три смени, а службите ќе интервенираат и по повик на граѓани. Ова е предвидено со Програмата за решавање на проблемот со животните-скитници на подрачјето на Скопје, што неодамна ја поддржа градскиот Совет. 

Програмата предвидува секое здраво заловено куче да биде стерилизирано, но некои од кучињата ќе бидат евтанизирани доколку, како што велат од Градот, животното ги исполнува критериумите за евтаназија препорачани од Светската организација за заштита на животните. Третманот на животните ќе се врши во стационарот кај Вардариште.

Работниците ангажирани за заловување на бездомните животни се опремени со соодветна униформа и средства за лична заштита, како и со другата потребна опрема (соодветно возило и приколка, јамки и мрежи за заловување, пушка-сафари за привремено успивање со средство за привремена парализа - успивање, корпи-кафези за транспорт...).

Екипи на ЈП „Комунална хигиена“ ќе работат во три смени, а ќе примаат и повици од граѓани.

Утврдената динамика за работа предвидува во прва и во втора смена да се извршуваат редовните обврски за контрола на градските појаси, како и да се интервенира по повик на граѓани. Третата (ноќна) смена, во зависност од временските услови, ќе се одвива навечер и рано наутро, при што се предвидува контрола на веќе обработените појаси и повторни интервенции.