
Седница на Советот на Град Скопје за проблемот со јавниот превоз во главниот град засега не е закажана. Според извори од ЈСП, најава за прекин на работењето нема и нафта за автобусите е пристигната вчера во двете бази, која како што велат е доволна за вчерашниот и денешниот ден.
Независен член на Советот на Град Скопје и екс заменик градоначалник Скопје Александар Трајановски, за МИА потврди дека досега не е закажана итна седница на Советот за проблемот.
- Засега нема повикано седница, ниту од страна на град Скопје, ниту од советниците. Дополнителна осакатеност е тоа што Советот, по преминувањето на Трајко Славески нема претседател на Совет и секоја седница индивидуално се назначува претседател на совет. Засега седница нема закажно, особено не за точката за која ме прашувате, изјави Трајановски за МИА.
Според извори од ЈСП, најава за прекин на движењето на автобусите на ЈСП заега нема, посочувајќи дека вчера попладне пристигнале околу 20 тони нафта, по десет во двете автобази кои, како што велат се доволни за вчерашниот и денешниот ден.
Град Скопје во соопштение од медиумите вчера реагираше дека „Пуцко петрол“ ја прекинал испораката на нафта иако, како што велат има активен договор со ЈСП.
Од „Пуцко петрол“, пак, преку соопштение истакнаа дека секоја институција која ги подмирува своите обврски навремено, без исклучок добива гориво согласно договорените услови.
- Нашето работење е транспарентно, законски усогласено и ориентирано кон стабилност и доверба во деловните односи, наведоа тие во демантот на соопштението од Град Скопје.