ЈАВЕН ПОВИK: Продолжува проектот „Купи куќа, купи стан“

Сите оние што немаат сопствен покрив над главата и годинава ќе може да аплицираат за купување стан, односно изградба на куќа, со што ќе го решат своето станбено прашање, а притоа државата ќе субвенционира дел од трошоците.

Министерството за финанси распиша нов јавен повик кој трае од вчера, па се до крајот на годината, при што се предвидени два типа субвенции - за сите категории граѓани што немаат сопствен дом и за млади лица до 35 години или млади брачни парови каде што барем еден од сопружниците е на возраст до или на 35 години.

На граѓаните што го немаат решено станбеното прашање, а кои се заинтересирани за добивање станбен кредит, на располагање им стојат два вида субвенции. Едната е покривање од страна на државата 50 отсто од месечната рата во првите пет години во случај на купување стан, односно 75 отсто од ратата за кредит земен за изградба или купување куќа. Втората опција е субвенционирање на дел од учеството, и тоа 50 отсто за купување стан, но не повеќе од 6.250 евра и 75 отсто од она за куќа, но повторно не повеќе од 9.375 евра. Субвенцијата е неповратна ако редовно се отплаќаат ратите, како и во случај ако по 10 години од отплатата се исплати целиот кредит.

За втората категорија - млади лица, се дава можност за субвенционирање 80 отсто од месечната рата во првите 8 години кога се купува куќа, односно 50 отсто од ратата во првите три години ако се купува стан. Субвенција од 100 отсто е предвидена за учество при добивање кредит за изградба или купување нова куќа, но најмногу до 12.500 евра. И во двата случаја субвенциите се неповратни при редовна исплата на ратите, како и ако кредитот се отплати предвреме, но не пред 12, односно 10 години од отплатата, во зависност за кој вид кредит се работи.

Условите како и во претходните години остануваат непроменети - приходот по основа на плата на лицето што бара субвенција да биде до 900 евра месечно, односно на брачните другари до 1.300 евра во месецот, се субвенционираат кредити чиј износ не надминува 50.000 евра и се со рок на отплата од 20 години. Доколку кредитот е поголем, разликата над овој износ не се субвенционира. Услов е и продажната цена на квадратен метар да не изнесува повеќе од 900 евра со пресметан ДДВ.