Јавање коњи на Шара: Адреналин и полни очи убавина

  

Да ја видите и почувствувате Шар Планина од една малку повисока перспектива, качени на коњ, е доживување кое задолжително треба да си го овозможите, се разбира доколку не се плашите да јавате.

Планинската убавица нуди преубави глетки кои надополнети со јавање ќе ви бидат драг „авантуристички“ спомен.

Се поголем број на јавачки клубови во земјава нудат тури за јавање низ планина.

Ние се одлучивме за Шара,  раскажува младата скопјанка Сања.

Што треба да знаете пред да тргнете во оваа авантура?

„Најпрвин треба да имате љубов кон овие благородни животни бидејќи тие го чувствуваат вашиот страв или пак несигурност. На стартот на турата, имавме кратка обука како да се качиме на коњот и како да управуваме со него. Ни дадоа заштитни кациги за глава. Бевме 10-тина луѓе, а водачот цело време не придружуваше. Интересно е што имаше деца кои, без страв, јаваа и одлично се снајдоа. Се  минува низ нагорница, па се спушта низ благи долини, се минува низ земјени патови, а често коњот избра да се движи до самиот раб на патот. Најважно е да бидеме сконцентрирани, да ги држиме уздите на коњот благо, не со премногу сегање, и да внимаваме коњот да не се исплаши од нешто во непосредна близина“, раскажува Сања.

Шар Планина при секоја нова посета нуди нова енергија со својата природна раскошност.

„ Со јавање може да почувствувате како да ќе го допрете небесното синило. Пејзажите се неописливи со зборови, а свежината на воздухот и ветерот додека јавате си го прават своето“, раскажува скопјанката за својата авантура.

Вели целосната тура била надополнета со дегустација на сирење во планинското бачило, каде правеле пауза.

Клубовите за јавање нудат тури со различни цени и времетрањето. Цените се движат од 1.500, 2.000 и 3.000 денари по лице за тура, а траат од час и половина па се до 5-6 часа кон подалечните дестинации.