
Скопјанка преку објава на социјалните мрежи сведочи дека била нападната од глутница кучиња додека утрински трчала на кејот, во раните утрински часови на 3 февруари.
Како што наведува, околу 4:30 часот излегла да трча пред работа, кога на делницата по Палас кон Влае најпрво ѝ се приближиле неколку кучиња кои почнале да лаат, а набргу потоа им се придружиле уште десетина. Во обид да се одбрани, застанала и викала, но безуспешно.
„Се спуштаат уште десетина кучиња – мали, средни, големи – едно од нив ме гризна. Ми го попречија патот и направија полукруг. Во паника решив да трчам назад. Побрзо во животот немам трчано. Трчав и ме гризеа околу пет минути, сè додека не се сопнав и паднав“, напиша таа во објавата.
По инцидентот, повикала полиција која излегла на местото, а потоа заедно со пријателка заминала во Ургентниот центар. Таа информира дека добила угризи на седум места, примила тетанус-вакцина во ГОБ „8 Септември“, како и терапија со антибиотици и преврски.
Во својата објава посочува дека покрај физичките повреди, кај неа останал и силен страв и апелира институциите системски да го решат проблемот со бездомните кучиња.
„Со постов сакам само да ве освестам да се чувате и да се надеваме дека овој проблем системски ќе биде решен што поскоро. Да не се повтори!“, порача таа.
Проблемот со бездомните кучиња останува еден од најсериозните предизвици за градската администрација, а засега нема на повидок конкретно решение кое би гарантирало поголема безбедност за граѓаните.