„Јас внимавам и безбедно возам“ - дефиле на велосипедисти и мотоциклисти за поголема безбедност во сообраќајот

Со цел подигнување на свеста за поголема безбедност на велосипедистите и мотоциклистите во сообраќајот, на 13 мај 2023 година ќе се одржи дефиле на кое ќе учествуваат преку 100 велосипедисти и над 30 мотоциклисти.

Дефилето ќе започне во 11.00 часот со поаѓањето на велосипедистите од платото под мостот „Близнак“, на кејот на реката Вардар во населбата Аеродром, а мотоциклистите ќе стартуваат од фонтаната во Градскиот парк во 11.30 часот и двете групи ќе се сретнат на плоштадот „Македонија“. Сите кои сакаат да дадат личен придонес за подигнување на свеста за безбедност на велосипедистите и мотоциклистите во сообраќајот, можат да се приклучат на ова свечено дефиле со велосипед или мотоцикл.

Дефилето кое ќе се одржи под мотото ,,ЈАС ВНИМАВАМ И БЕЗБЕДНО ВОЗАМ” е во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, а партнери се компанијата ОКТА, Министерството за внатрешни работи, Факултетот за безбедност од Скопје и Црвениот крст.

Поддршка за настанот даваат и здруженијата на велосипедисти и мотоциклисти „Мото клуб Безбедност“, „Прв до врв“ и „Здружението за друмски и планински велосипедизам“. Целта на дефилето е зголемување на сообраќајната култура на велосипедистите и мотоциклистите и подигање на свеста за користење на заштитна опрема при вклучување во сообраќајот.

На учесниците кои први ќе пристигнат на почетните позиции, ќе им бидат доделени стартни пакети од страна на РСБСП.

Како дополнителна поддршка на настанот, а во рамки на својата кампања за подигнување на свеста за безбедност во сообраќајот „ЈАС ВНИМАВАМ“, компанијата ОКТА ќе обезбеди велосипедски ѕвончиња, безбедносни велосипедски светла и заштитни кациги за учесниците во дефилето.