Јас сум чевлар-сакам да бидам свој газда и уживам во тоа

За младите денес е несфатливо да бидат занаетчии наместо да работат канцелариска работа или едноставно денот да го поминат пред компјутер. Но, тоа не е случај со Милош Игнатовиќ (21), електротехничар по професија кој решил да се занимава со занает – чевларство и многу добро и успешно го прави тоа.

За многу луѓе е необично што поправам чевли наместо компјутери, за што учев, но мене не ми е. Јас сакам да живеам од оваа работа и да бидам сам свој газда.

Секој ден освен недела Милош се дружи со ѓонови, шило, чекан, калапи, лепак и им го продолжува животот на старите обувки.

Одлепено, одшиено, скинато, тој поправа се! Ги враќа на асфалт скршените штикли на дамите и излижаните ѓонови на своите сограѓани.

Во неговото семејство никој не се занимавал со овој занает, а тој со чевларството имал врска единствено кога ги носел копачките од фудбал на поправка. Во средно се стекнал со диплома на електротехничар за компјутери, но наместо да студира, тој ги замени чудата на технологијата со стари обувки.

„Родителите ме советуваа без оглед на тоа дали сакам да студирам или не, да научам некој занает, бидејќи добар занаетчија никогаш нема да остане без леб. Еден семеен пријател кој е чевлар ме зема на обука, беше задоволен со мојата работа и ми позајми една машина за да можам сам да почнам да работам.“ – вели Милош.

Набрзо потоа Милош отворил свој самостоен дуќан. Кога ќе видат млад мајстор, сите се скептични и го прашуваат дали навистина може да им ги оспособи старите обувки, а откако ќе дојдат по ден-два сите се изненадени и коментираат како младиот мајстор има златни раце. Милош вели дека работата не му тешка и дека за него е предизвик да им го продолжи векот на старите обувки.

Сакам да бидам што подобар мајстор, па гледам туторијали на интернет и ги усовршувам поправките. Се трудам да стекнам доверба кај муштериите, на кои им е важно поправката да биде брза и долготрајна, а најважна им е секако цената, па мора да им се пружи добра а прифатлива услуга – раскажува Милош.

Милош е по цел ден во малиот чевларски дуќан, но вели дека мора да биде така ако сака да успее денес кога сите занаети се во изумирање. Најчести муштерии му се жените, поради скршени штикли и испаднати флекни, а до сега немал ниту една рекламација. 

Талентираниот Милош планира проширување на својот омилен бизнис: „Освен што ќе поправам, сакам да ја совладам и техниката на правење чевли. Планирам, откако ќе се усовршам да почнам да правам свои обувки. Оној кој сака да работи и успешно го прави тоа, без оглед на тоа што работи, мора сериозно да се посвети.“ – вели амбициозниот Милош.