Јас носам маска, зошто ти не носиш? - Полицијата казнува, граѓаните опуштени

Во текот на изминатото деноноќие по однос на мерката за неносење лична заштита на лице регистрирани се 597 прекршоци.

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид -19.

Според последните податици, вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 16.780, бројката на оздравени пациенти е 13.949, на починати е 700, а во моментот бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.131.

Сите граѓани од 23 април задолжително треба да носат заштитна маска. На цела територија на државата граѓаните кога излегуваат од дома мора да носат заштитна маска, марама или шал, со кои ќе им бидат покриена устата и носот заради заштита од коронавирусот.

Носењето е задолжително во сите затворени јавни објекти како државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, јавен превоз, чекални, здравствени институции и слично. Носење маска на отворено е задолжително на отворени пазари и секогаш кога не може да се одржи минимална дистанца од 2 метра од најблиското лице.

Практично, ова значи дека ако се движите низ гужва на улица, чекате јавен превоз со голем број патници на станицата или сте во слична ситуација да морате да бидете во непосредна близина на други лица и не можете да се одалечите на 2 препорачаната дистанца од 2 метра, задолжително носете маска.

Маска надвор не е задолжително ако се престојува во двор на станбена семејна куќа, се вози велосипед или се спортува на отворено, но се одржува дистанцата од минимум 2 метра, се патува во патничко моторно возило со лица со кои заедно живеете, се движите на јавни места и површини од отворен тип каде не слободно може да одржувате дистанца од 2 метра.