Јас и ти сме тажен љубовен филм...

Најмил мој,

Знаеш ли што сме јас и ти? Ние сме љубовен филм... ама тажен. Филм во кој јас и ти случајно се сретнуваме. И сфаќаме дека целиот живот сме се барале. И се сакаме, среќни сме, без да се грижиме за светот.

И тогаш, за миг, сѐ се претвора во ноќна мора и ние стануваме заробеници на гордоста. И почнуваме да се мразиме сѐ до крајот во кој завршуваме далеку еден од друг. 

Ти ладен, облечен во гордост, без ниту една видлива трага од мене на тебе. Навидум силен за пријателско потапнување по рамо и охрабрување дека ми е време за нова љубов. 

А јас, со скршено срце и нов чипкан долен веш и фустани, додека седам лажно насмеана со друштвото и одлучна да му бидам жена на првиот кој ќе го посака тоа. 

Најмил мој, ние сме филм!

Од оние филмови, чиј крај го разочарува секој оној кој верува во љубов.