Јас бев тој што никогаш не сакаше да си оди од Македонија...

Буден сум додека сите спијат, си легнувам додека другите стануваат за на работа. Се обидувам колку што е можно да си го скратам денот, за да не полудам. Со месеци барав работа. Највисоката плата што сум ја земал била 16.000 денари. 

Сакаш да излезеш. На 26 години треба да имаш свои приходи, не да чекаш од мајка ти и татко ти. Колку пари ќе им земеш? За едно кафе? До кога вака ќе биде?

За да не се срама и стискам додека барам пари од моите родители, решив да си заминам да одам на печалба.

Ја напуштив Македонија за да си обезбедам пристоен живот. Јас бев тој што никогаш не сакаше да си оди од Македонија и бев голем оптимист дека ќе се променат нештата. Не сакав да го напуштам родното место, прјателите, спомените. Но, дојдов до точка на вриење. Од љубов не се живее, а љубовта нема да ми донесе леб дома“, раскажува скопјанецот Антонио, кој на 26 години реши да си замине од Македонија.

Покачени цени на бензини, храна, а се запраша ли некој какви се платите во Македонија во споредба со другите европски земји. Дали некој размисли како еден млад човек ќе може со таа скромна плата да вози возило?

Македонија денес е земја на пензионери на кои државата им обезбедува милион бенефиции, а младите се на работ на општество и таму се борат да преживеат ден за ден. Крпат да спојат понеделник со петок и кога ќе сфатат дека не можат да го направат тоа – спојуваат Скопје со Малта и засекогаш заминуваат од својот крај.

Антонио веќе две години е во САД. 

Тука во Америка можеш да работиш било што. Јас сум презадоволен од мојата работа во моментов. Конечно за прв пат во мојот живот не зависам од моите родители. Заработувам доволно за да си дозволам да купам се што ми треба. Тука секој те третира како човек, а не како негов роб. Овде лесно се дава отказ и лесно се наоѓа нова работа. Навистина е земја со големи можности. Исто така можеш да сидозволиш да завршиш курс, висока школа или колеџ и да се прекфалификуваш, објаснува Антонио.

Политичарите ни ја земаа младоста и на натераа подобар живот да бараме на запад, да се мачиме во нова средина и ново општество и да почнеме нов живот од почетокот. Не присилија да го оставиме семејството и да еднаш годишно да дојдеме на пет дена да се видиме со нив. И не само на мене, туку на една генерација млади луѓе кои за жал живеат во оваа вечно транзициска држава.

Ќе читаме и слушаме за Македонија. Ќе раскажуваме дека е убава земја која треба да се посети. А, ние ќе ја посетиме, но со куфер полн желби за подобро утре.