Јапонија и поинаквата приказна за стареењето

Во западните општества, стареењето најчесто се претставува како неминовен пад, но и потреба да успориме. Тоа често значи намалена физичка издржливост, помалку движење, повлекување од многу активности. 

Photo by AIII YOOOO on Unsplash

Оваа порака не се пренесува преку само еден конкретен наратив, туку преку секојдневни пораки: од маркетингот и медиумите, до начинот на кој зборуваме за телото „по одредени години“. Резултатот е култура што очекува забавување и потоа го добива.

Сликата што ја нуди Јапонија е поинаква, но треба да ни послужи како лекција. Во многу градови, луѓе во седумдесеттите и осумдесеттите години пешачат со забрзано темпо, сами ги носат своите намирници, користат јавен превоз и остануваат активни во локалната заедница. Ова не е исклучок резервиран за мал број „витални“ поединци, туку широко распространета појава што ја обликува активноста во општеството. 

Важно е да се расчисти една честа заблуда: разликата не се објаснува со „подобра генетика“. Истражувањата со години укажуваат дека клучната улога ја има начинот на живот, како што се континуираното движење, социјалната вклученост и односот кон телото како функционален дел од секојдневието, а не како нешто што треба да се заштити од напор. Во Јапонија, одењето не е рекреација, туку транспорт. Контактот со луѓето не е дополнителна активност, туку дел од дневната рутина.

Photo by Steven Su on Unsplash

Токму тука се појавува непријатната теза што сè почесто ја изнесуваат експерти за јавно здравје: луѓето не забавуваат затоа што стареат, туку стареат побрзо затоа што забавуваат. Кога движењето се заменува со седење, а ангажманот со удобност, телото се приспособува на пониско ниво на активност. Не од „старост“, туку од навика.

Јапонскиот пример не нуди некаков магичен  рецепт за долговечност, туку може да ни послужи како јасен показател дека енергијата не исчезнува автоматски со годините. Таа се одржува, или се губи преку секојдневните избори што ги правиме долго пред да се сметаме за „стари“. Во тој контекст, стареењето не изгледа како причина за повлекување, туку како резултат на него.

Прашањето, тогаш, не е како да го запреме стареењето, туку зошто толку рано прифаќаме дека треба да се намалиме. Затоа што примерите од Јапонија јасно покажуваат: кога животот останува во движење, телото ретко има причина да застане.