Јануарските пензии пораснаа, порасна и револтот кај пензионерите

Точно 80.809 пензионери во земјава се корисници на минимална пензија која се движи од 9.986 до 12.800 денари, во зависност од годината на пензионирање.

3.185 пензионери земаат пензија од 9.986 денари.

Со актуелното законско усогласување на пензиите со трошоците за живот, јануарските пензии се зголемуваат за 2,9%, односно зголемувањето на просечната пензијата во номинална вредност изнесува 460 денари, а на минималната пензија за 304 денари.

Овие суми не им значат многу на пензионерите особени на оние побројните, со минимална пензија, кои се револтирани затоа што, како што велат, станува збор за смешна сума, додека трошоците втроглаво растат.

-Усогласувањето на пензиите од 2.9% стигна на контото на пензионерите. Ни приближно не е реално во однос на покачувањето на животните трошоци. Струја покачена за 10%, парно 14%, а да не набројувам цени во маркети. Истите цени важат и за тие со 9.000 денари пензија како и за оние што се над 40.000 денари пензија, вели една револтирана скопјанка која е корисничка на пензија.

Таа, како и многу други, велат дека е крајно време Сојузот на пензионери, како и партијата на пензионери да се ангажираат за реално покачување на пензиите, затоа што стандардот на оваа категорија на граѓани е многу низок. 

- Опаѓа куповната моќ на пензионерите. Значи цел живот работеле, за сега едвај да си дозволат за сметки и храна, а каде се лековите, прашува друг скопјанец кој е за пораст на прмањата за луѓето од третото доба. 

Инаку, сега веќе актуелниот премиер Димитар Ковачевски, пред да го добие мандатот, најави дека една од првите мерки на неговата Влада ќе биде поддршка на пензионерите, преку посебно зголемување на пензиите, освен редовното усогласување кое се врши два пати годишно.