Јанкуловски и Новковски остануваат во трката за Ректор

Ректорската управа, вчера го одржа состанокот на кој се одлучи кои двајца од вкупно шестте кандидати за ректор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ ќе ја продолжат трката. Актуелниот декан на Медицинскиот факултет и професорот од Природно-матеметичкиот факултет ќе влезат во финалниот избор.

Седницата на одлучување се одвиваше зад затворени врати, иако правилникот налага јавност и транспарентност на ваквиот вид седници. Присутни, иако само пред зградата на ректоратот беа и претставниците на Студентскиот Пленум. На нив не им беше дозволено да влезат во објектот. Тие го оспоруваат изборот на ректор бидејќи право на глас има претседателот на Студентскиот парламент со истечен мандат Кирил Ристовски.

Студентскиот плену најави поднесување на пријава до Државниот просветен инспекторат, поради тоа што е прекршен Законот за високо образование, с отоа што на изборот не учествувал легитимен претставник на студентите.

Финалниот избор за Ректор на УКИМ ќе се одржи на 27-ми јуни, кога по пат на тајно гласање универзитетскиот Сенат ќе направи избор.

Никола Јанкуловски е актуелен декан на Медицинскиот факултет, каде што го предава предметот хирургија. Тој е абдоминален хирург. Студиите ги завршил на Медицинскиот факултет во Скопје. Во декември 2002 година ја одбранил докторската дисертација. Од септември 2007 до април 2009 година бил директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија. Добитник е на наградата „Св. Климент Охридски“ од областа на здравството во 2013 година и наградата „11 Октомври“ во 2015 година. 

Ненад Новковски е редовен професор на Природно-математичкиот факултет на УКИМ на Институтот за физика. Дипломирал на Факултетот за физика во 1980 година. Постдипломските студии по физика ги завршил на Електротехничкиот факултет во Белград. Докторската дисертација ја изработил во Лозана, Швајцарија, а ја одбранил на Институтот за физика на ПМФ. Автор е на бројни научни и стручни трудови, а беше и министер за образование и наука во владата на Љупчо Георгиевски.