Јанковска Михајловска брутално искрена за Скопје и проблемот со „Интермецо“: Имаме диско до болнички комплекс

Познатата архитектка и иноваторка од Скопје Искра Јанковска Михајловска преку фејсбук објава го актуелизира проблемот со гласната музика од ноќниот клуб „Интермецо“ кој со години ги мачи жителите од околината. 

„Дали сте свесни дека на секој еден од нас може да му се случи Интермецо и да ви го деградира животот и имотот“, вели таа изразувајќи поддршка за жителите на Капиштец. 

Со аргументи, Јанковска Михајловска им порача на надлежните да засукаат ракави и да го решат проблемот, потенцирајќи дека уште малку Скопје ќе ги изгуби карактеристиките на град. 

„Замислете хирургот што живее во влезот карши Интермецо утре наутро треба да ве оперира вас или некој ваш близок, а останал ненаспан затоа што имало диџеј во Интермецо. Замислете пилотот што треба да ве превезува останал без сон“ - е една од клучните поенти на нејзиниот став кој ви го пренсуваме во целост: 

- Мора надлежните да изнајдат начин за соживот меѓу граѓаните и ноќниот живот на Скопје. Сите Итарпејовски финти ги знаеме и не знам како не ви е срам да лажете на избори дека ќе решите некој проблем. Секоја функција носи и тешки проблeми за решавање.

Тактиката „укини го ако не можеш да го регулираш“ е кукавичка политика. Во Валенсија има диско среде станбена зона, а пред вратата на диското музиката се слуша како некој да слуша радио во автомобил. Притоа, станува збор за летно, отворено диско. Постои соодветна техника, знаење. Во случајот Интермецо ароганиција од типот бунете се мене сите битни ќе ми се јават за коњопој е најпримитивниот момент.

Замислете хирургот што живее во влезот карши Интермецо утре наутро треба да ве оперира вас или некој ваш близок, а останал ненаспан затоа што имало диџеј во Интермецо. Замислете пилотот што треба да ве превезува останал без сон. Тоа што галамата била „само до 01:00 часот“ не е оправдување. Некој работи прва смена, некој втора, некој трета, некому му ваделе заб некој само што се вратил од операција. Нека ги донесат организаторите и корисниците на услугите на Интермецо своите родители и мали бебиња да живеат тука, па потоа да зборуваме дали е проблем или не е.

Во исто време, Интермецо е дел од ноќниот живот на Скопје. А ноќниот живот е важен и од аспект на забава, и од аспект на економија.

Затоа апелирам надлежните конечно да си ги засукаат ракавите и да изнајдат решение за соживот. Не мора никој да биде малтретиран. Не е решение оној што сака тишина да му се каже да се врати на село или да оди во планина. На дофат ни се градови со развиен ноќен живот кои не уништуваат ничиј мир.

И кога веќе ја отвораме темата за засукување ракави: не може секој објект да добие баш секоја намена само затоа што исполнува минимални технички услови како висина, број на тоалети и слично. Во Скопје имаме диско до болнички комплекс.

И да, немањето ефикасен и брз градски транспорт е дел од овој проблем.

Пред некој ден ме анкетираа анонимно колку сум задоволна од функционирањето на градот. Па, Скопје уште малку ќе ги изгуби карактеристиките на град.

Ги поддржувам сограѓаните од Капиштец како послабата страна која е излажана од секоја една власт во врска со нивниот проблем. Дали сте свесни дека на секој еден од нас може да му се случи Интермецо и да ви го деградира животот и имотот, од тоа ве дели само еден сон на просечен насилник кој знае како со надлежните.

Срамно е да кажете во Ново Лисиче е тивко дојдете тука, тие пак може да кажат нас кога гори Вардариште не ни смрди дојдете во Капиштец. Свеста на нас како граѓани мора да биде на едно повисоко ниво од примитивна злоба и сеирџиство ако сакаме да кажеме дека живееме во модерен град.