Советниците на НАИ и ВЛЕН ја напуштија седницата на Советот на Општина Бутел, откако не беше прифатен предлогот на советниците на НАИ одлуката за затворање на паралелката на албански јазик во ООУ „Петар Здравковски – Пенко“ да биде ставена на дневен ред.

Станува збор за паралелка од прво одделение на албански јазик. Одлуката предизвика реакции откако беше посочено дека дел од учениците живеат во непосредна близина на училиштето, но според реонизацијата припаѓаат на друга општина.
Претходно, министерката за образование и наука Весна Јаневска порача дека прашањето е во надлежност на општината, но побара градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, повторно да ја провери состојбата и да ја преиспита одлуката.
„Ќе му советувам на градоначалникот на Општината, иако тоа е негова надлежност, уште еднаш да ја преиспита или да ја провери состојбата во неговата општина и да одлучи на праведен начин“, изјави Јаневска.
Министерката нагласи дека реформите во основното образование не биле насочени кон затворање паралелки на јазиците на заедниците и дека не станува збор за дискриминација врз основа на јазик. И покрај тоа, на седницата на Советот на Општина Бутел не беше прифатен предлогот прашањето да се разгледува како посебна точка.
„Го ставивме на гласање, нормално нè надгласаа и ни ја отфрлија како точка од дневниот ред и ние бевме принудени да излеземе и да ја напуштиме седницата“, изјави Линкест Лумани, советник на НАИ.
Седницата ја напуштија и четворицата советници на ВЛЕН. Тие побараа еднаков третман на учениците, независно од нивната етничка припадност, и најавија дека ќе бараат решение во рамките на законските можности.
„Тешко е да се разбере како во другите училишта во Општина Бутел, во паралелките на македонски јазик, се прифаќаат ученици од други општини, додека на албанските деца кои живеат во близина на ова училиште им се оневозможува можноста да се запишат во најблиското училиште“, рече Албеса Рамани, советничка на ВЛЕН.
Советниците на НАИ и ВЛЕН се повикаа на одредбите од Законот за основното образование, според кои, под одредени услови, ученик може да се запише во училиште надвор од својот реон или општина доколку има слободни места.
Од Општина Бутел, пак, засега останува ставот дека ученици од други општини нема да бидат запишувани во ООУ „Петар Здравковски – Пенко“.
Спорот се случува во пресрет на почетокот на новата учебна година, а останува неизвесно дали по апелот на Министерството за образование и реакциите на советниците ќе има промена во одлуката.