Јаневска во Штип: 130 психолози обезбедуваат дополнителна психосоцијална поддршка за учениците, наставниците и за родителите по трагедијата во Кочан

Постојано се зголемува бројот на психолози што се вклучуваат во давањето психосоцијална поддршка за учениците, нивните родители и за наставниците по трагедијата во Кочани. Минатата недела имавме 100-ина, оваа недела во мрежата на училишни психолози имаме 130. Сите тие поминаа специјализирана обука за постапување во оваа кризна ситуација и се активни на терен.

Ова го истакна министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, за време на денешната посета на неколку училишта во Штип информирајќи дека на територијата на оваа општина ангажирани се дополнителни 10-ина психолози во рамките на образовните установи.

„Министерството за образование и наука заедно со повеќе други страни – УНИЦЕФ, Институтот за психологија при УКИМ, Комората на психолозите и Црвениот крст – прави напори за да обезбеди соодветна психолошка помош и психосоцијална поддршка за оние на кои им е потребна, а особено на најмладите. Веднаш по трагедијата подготвивме насоки за училиштата, за наставниците и за родителите. Споделивме и лични контакти за телефонски совети и разговори. Беа отворени и наменски линии достапни 24/7“, рече Јаневска.

Додаде дека настанот предизвика траума кај целата јавност, а особено кај децата, кои, како што рече, не смееме да ги препуштиме сами на себе.

„Во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“ заедно со Комората на психолозите отворивме и Центар за младинско советување и тоа е всушност збирното место на психолозите од каде што потоа тие заминуваат да работат во училиштата во Штип, а секако работат и со студентите во градот, кои ценат дека во оваа ситуација добро ќе им дојдат разговор и насока како полесно да се справат со предизвиците“, рече министерката посочувајќи дека претстои долг период на рехабилитација и многу работа со младите.

Министерката напомена дека важен аспект на кој МОН ќе се посвети заедно со локалните самоуправи е одржувањето на безбедносните стандарди во училиштата во целата територија.

„Минатата недела се обративме до општините за проверка во сите училишта дали постои процена на ризици од кризни состојби, план за справување со кризни состојби, дали има соодветна и функционална опрема, како ПП-апарати, хидранти и слично. Според информациите што ги добивме од ЗЕЛС, сите проверени училишта досега, а тоа се некаде над 90 % од објектите, се безбедни и мора да се погрижиме така и да остане“, рече Јаневска.