Јавноста во очекување - Кој ќе биде новиот министер за здравство откако актуелниот, Арбен Таравари ја напушта владината коалиција?
Нема да има реконструкција на Владата, туку само смена на министри, информираа од Владата вчера откако беше познато дека Алијанската на Албанците излегува од Влада.
Втор ден, се претпоставува кој ќе седне на министерското столче во Здравство.
Меѓу најсериозни кандидати, кои се споменуваат во јавноста се актуелната министерка за образование Весна Јаневска, актуелниот прв човек на Фондот за здравство Сашо Клековски, како и директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска.
Министерката за образование и наука, Јаневска, втор ден резервирано одговара на прашањата дали ќе стане министерка за здравство. Денес, рече дека за тоа ќе одлучат премиерот и преговарачкиот тим, а премиерот побара трпение за измените.
„Оваа држава има премиер, претпоставувам дека има и преговарачки тимови. Јас ќе бидам таму каде што премиерот ќе одлучи дека државата има потреба од мене“, одговори министерката Јаневска на прашањето дали ќе оди на чело на ресорот здравство.
Премиерот, пак, Христијан Мицкоски, рече дека до крајот на оваа недела има настани, ќе патува и во Тирана, па за кадровските решенија ќе одлучува следната недела, но синоќа добил овластување од извршниот комитет.
„Народски кажано, добив дозвола од извршниот комитет за номинирање нови имиња, кои ќе ги заменат имињата на оние што одлучија да одат во прегратките на Али Ахмети и на Демократската унија за интеграција, односно луѓето од партијата на господинот Арбен Таравари. Во периодот што следува многу работи ќе бидат појасни. Да бидеме трпеливи и да разговараме, а во тие разговори сигурен сум дека ќе постигнеме договор. Очекувам веќе следната недела да има повеќе на оваа тема“, рече премиерот Мицкоски.
До следната недела премиерот Мицкоски побара јавноста да почека одговор не само на прашањата за имиња на нови министри туку и на прашањето дали министерските места на Алијансата за Албанците ќе ѝ бидат дадени на „Вреди“ или ќе ги земе ВМРО-ДПМНЕ.