Јанева стигна на распит: Се надевам дека со моите аргументи ќе ја забрзам истрагата

Јас сум сѐ уште специјален јавен обвинител. Моите обвинители работат и се надевам дека оваа есен ќе имаме разрешници на случаи. Што се однесува до мојот денешен исказ се надевам дека со моите аргументи ќе ја забрзам истрагата – изјави денеска Катица Јанева пред да даде исказ во Јавното обвинителство за организиран криминал.

Јанева влезе на сослушување во ОЈО, а пред зградата ја пречека и адвокат. Таа не одговори на ниту едно новинарско прашање и покрај инсистирањето на новинарите.

Јанева важи за блиска до првоосомничениот во „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13, а нејзиниот глас се слуша и во дел од снимките кои ги објави онлајн изданието на италијанскиот весник „Ла верита“. Во еден од телефонските разговори помеѓу Боки 13 и бизнисменот Орце Камчев, кој е осомничен во „Империја“, се слуша таа како му кажува на Камчев да не се секира, дека сѐ ќе биде океј.

Во друг разговор, пак, Боки 13 ја вклучува на спикерфон и меѓу другото вели дека Камчев се плаши од Лиле Стефанова, на што Јанева вели: Јас многу сум ангажирана затоа не ја држам така редовно под контрола, инаку без мене она не може ништо!

Таа до сега не негираше дека е нејзиниот глас, но децидно отфрлаше каква било вмешаност во „Рекет“, а за Боки 13 рече дека ѝ го злоупотребувал името. Во една од писмените изјави, таа дури и посочуваме оти преговарал со Камчев за тој да стане соработник сведок во нова предистрага на СЈО. Освен Јанева во рамки на истрагата беа сослушани и шефицата на нејзиниот кабинет како и тројца обвинители: Елизабета Јосифоска, Лиле Стефанова и Бурим Рустеми.

Јосифоска е заменичка на специјалната обвинителка, а Стефанова ја води истрагата за „Империја“, додека Рустеми случајот „Поштенска банка“. Тоа се двата предмета кои Стефанова ги посочи како случаи за кои Јанева барала извештај и суми за отштетата која требало да ја платат осомничените на државата и да се спогодат без некој да оди во затвор.

Вчера на распит во обвинителството, пак беше спроведен второосомничениот во случајот „Рекет“, Зоран Милески – Кичеец, како и пензионерката Лилјана Тодоровска. Станува збор за пензионерката чија идеја за изградба на центар за возрасни, еден вид на старечки домови, била пласирана преку невладината организација Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13. Нејзиното име се споменува во аферата затоа што на нејзината банкарска сметка легнале 720 илјади евра од ГП „Пелистер“, за кои таа изјави дека веднаш штом ги подигнала ѝ биле одземени од претставници на невладината на Боки 13.