Јанева не е сместена во хашкото одделение за да се избегне контакт со Боки 13

Катица Јанева ноќта ја помина во истражниот затвор во Шуто Оризари, од управата велат дека таа не е сместена во хашкото одделение, туку во посебен оддел, за да нема контакт со другите осомничени лица од случајот „Рекет“, пренесува Канал5

Директорот на затворот Есад Рахиќ вели дека тоа е стандардна процедура и додава дека Јанева била и на преглед, а здравствената состојба и е добра.

Јанева утринава со полициска придружба беше превезена до Гевгелија, на погребот на нејзината мајка која почина во текот на вчерашниот ден. По 20 минути поминати во капела во Гевгелија, повторно е вратена во затворот во Шуто Оризари.

Адвокатот Стеван Павлевски кој ја застапува Јанева за Канал 5 вели дека до крајот на денешниот ден ќе поднесат жалба на одредениот притвор.

Од СЈО пак прва со официјален став за притворот на Јанева излезе Фатиме Фетаи, која минатата недела за Канал 5 потврди дека се конфронтирала со неа во врска со претресите на обвинителите при влезот во институцијата.

Фетаи кажа дека ќе продолжат со застапување на предметите во судница, а кривичната одговорност на Јанева, не смее да биде изговор за тие да престанат со работа.

Притворот на Јанева за случајот “Рекет” и беше одреден на барање на ЈО за злоупотреба на службената положба и овластување.

Таа вчера во 13 часот беше спроведена од нејзиниот дом со полициска придружба кон просториите на СЈО, каде при претресот беше одземен нејзиниот личен компјутер, за потоа повторно да биде вратена дома каде беше одземен мебелот во вредност од 5.000 евра за кој од ЈО велат дека  го примила како награда за да му ја олесни позицијата на Камчев во случајот “Империја”.

Во Кривичниот суд влезе преку судската гаража, од каде по повеќе 4 часа замина за затворот во Шуто Оризари.