Јане Ченто по повод 69-годишнината од смртта на неговиот прадедо Методија Андонов-Ченто: „Вечна слава Претседателе, идеалите твои се заклетви мои“

По повод 69 години од смртта на  првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов – Ченто, неговиот правнук, Јане Ченто објави порака во негова чест, оддавајќи му почит за неговата улога во македонската историја.

„Вечна слава, претседателе, твоите идеали се мои заклетви“, напиша тој, споделувајќи и дел од сведоштвото на Методија Андонов – Ченто за страдањата што ги преживеал поради своите политички убедувања.

Во објавата, исто така, се пренесуваат неговите зборови за личните жртви, годините минати во затвор, тешките услови во кои живеел, како и желбата да остави сведоштво за борбата на македонскиот народ за слобода и за луѓето кои го дале својот придонес во тие историски настани.

„Загубив се,материјално пропаднав, мојата политичка кареира ја започнав како чорбаџија а ја завршив како слеп сиромав. Децата се веќе 10 години без моја помош и лишени од помошта на заедницата поради мене. Му наредив на синот да прекине со студиите од економски причини. Жената ја упропастив наполно и таа се разболе. Изгубив 9 години личен живот, истргав најмизерни понижувања, осуден сум за тоа што не сум го сторил,од глад сум паѓал во несвест, сум издржал 9 години казна, ќе излезам поголем злосторник од германските гестаповци кои го запалија целиот свет. Од сето тоа ми остана човечкото достоинство,и тоа сакаат да ми го земат. Јас не жалам оти ќе умрам,само ми е мака што немам време да напишам некои работи кои што историјата на Македонскиот народ треба да ги одбележи,не затоа што јас сум учествувал во тие настани,треба да знаат како се одвиваала борбата за нашата слобода и да знаат кој и зошто гинел и кој што направил за негоовата слобода“, се вели во споделениот цитат на Ченто.