Јанчева: СДСМ поднесува Иницијатива за времено отстапување на Универзална сала на Владата

Координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Град Скопје Љубица Јанчева денеска информираше дека до претседателот на Советот на Град Скопје доставиле Барање за дополнување на дневниот ред за 26тата седница на Советот.

-Поднесуваме Иницијатива за времено отстапување на корисничкото право на објектот на Јавната установа Универзална сала од Град Скопје на Владата на Република Северна Македонија. Реконструкцијата на Универзална сала повеќе од една година стои во место, откако градоначалничката Данела Арсовска реши овој проект да не продолжи. За реконструкцијата на овој важен објект за Скопје но и за целата држава, обезбедени се средства во износ од 120 милиони денари од Владата, од кои искористени се само околу 40 милиони, што значи дека за овој проект на располагање се уште 80 милиони денари, рече таа. 

-Ако веќе Арсовска не сака и не може да ја доврши реконструкцијата, Владата која е и финансиер на овој проект, има и волја и можност тоа да го стори. Универзална сала е симбол на Скопје, симобл на солидарноста кој е изграден по земјотресот преку донации од десеттици држави. Генерации скопјани израснале со настани во Универзалната сала. Затоа, ги повикуваме и советниците од сите останати советнички групи да ја поддржат оваа иницијатива, со цел реконструкцијата на Универзална сала да заврши што побрзо и овој објект повторно да им биде вратен на скопјани. Ние како советничка група продолжуваме да бидеме конструктивна опозиција во Град Скопје која се бори за интересите и потребите на градот и сите негови жители, порача Јанчева.