Јанчев: Нема посериозно повредени во пожарот во домот за стари лица во Чемерско

Сите пациенти се транспортираат од опожарениот дом од село Чемерско кон Кавадарци, информира градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, откако од страна на надлежните утрово беше објавено дека пожар го зафатил старскиот дом во кавадаречкотот село.

„Во моментов ги сместуваме сите пациенти од домот за стари лица во селото Чемерско. Во делот на бројната состојба таа е околу 30 лица од кои 10 пациенти се во потешка состојба“, вели Јанчев.

Појасни дека градот е организиран во делот на брзата помош во соработка со екипи од Свети Николе, Велес, Неготино, и противпожарната единица од Кавадарци заедно со ОВР Кавадарци.

„Сите пациенти се транспортираат од село Чемерско кон Кавадарци, претежно станува збор за повозрасни лица во поодминати години и во потешки состојби но и за доста премрзнати лица кои за време на пожарот беа евакуирани надвор од самиот дом и беше организиран навремен превоз за да можеме да ги донесеме до Општа болница Кавадарци. Сите пациенти ќе бидат прегледани, ќе бидат сместени во општа болница. И според нивната ситуација ќе им биде дадена соодветна терапија“, заклучи Јанчев.

Појасни дека нема лица со посериозни повреди но поради тоа што станува збор за ризична категорија на лица било реагирано соодветно и брзо со цел истите да бидат сместени на топло и да примаат соодветна медицинска помош.

Регионалниот Центар за управување со кризи од Велес информираше дека на терен се 10 пожарникари со три противпожарни возила. На терен излегле и три медицински тима и две полициски коли со осум полицајци.