Јаков Јозиновиќ го воодушеви Охрид: Со „Боже, чувај ја од зло“ му оддаде почит на Тоше Проески

Античкиот театар во Охрид беше исполнет до последното место за концертот на Јаков Јозиновиќ, кој приреди вечер исполнета со музика, емоции и бројни изненадувања.

Во организација на „Евентум“, публиката уживаше во неговите најголеми хитови, а секоја нова песна беше проследена со силен аплауз и заедничко пеење.

 

 

Присутните ги пееја песните од новиот албум во еден глас, создавајќи атмосфера што долго ќе се памети. Дополнителни овации предизвика и неговата интерпретација на „Боже, чувај ја од зло“, еден од најпознатите хитови на Тоше Проески, со која му оддаде почит на легендарниот македонски музичар. Концертот беше збогатен и со настапи на специјални гости, кои дополнително ја воодушевија публиката.

 

Непосредно пред концертот, Јаков се прошета низ Охрид и со задоволство се поздравуваше и фотографираше со своите обожаватели. Неколку месеци пред концертот, Јаков во едно интервју изјави дека Охрид за него има посебно значење и дека го врзуваат убави спомени и емоции. Токму тоа можеше да се почувствува и на сцената, каде што неколкупати ѝ се заблагодари на публиката за топлиот пречек.

Иако денес настапува на најголемите сцени во регионот, неговата приказна започна многу поинаку. Пошироката публика го запозна преку видеата на кои пееше по улиците низ Хрватска, освојувајќи ги минувачите со својот глас и непосредност. Тие настапи брзо станаа вирални и му донесоа илјадници обожаватели.

Денес Јаков Јозиновиќ е миленик на публиката ширум Балканот, а неговиот талент го препознаваат и многу етаблирани музички имиња од регионот. Концертот во Охрид уште еднаш покажа зошто неговата популарност постојано расте и зошто секој негов настап привлекува публика од сите генерации.