Јаќоски: Петте жртви кај Смилковско езеро се убиени во брз временски период

Со задоцнување од еден ипол час во Кривичниот суд почна рочиштето за случајот „Монструм“ на СЈО. Причина за пролонгирањето беше вклучениот аларм во новата зграда на Кривичниот суд.

Поради неможноста да се исклучи алармот, беше прекинато снабдувањето со струја во судот. По надминувањето на проблемот, вработените, обвинетите и нивните бранители, кои чекаа пред зградата на судот, се вратија во судниците.

На денешното рочиште за „Монструм“ исказ даваат балистичари и лекари од судска медицина. Професорот од Институтот за судска медицина Златко Јаќоски пред судот кажа дека тој заедно со професор Билјана Јаневска вечерта биле на увид на местото на петкратното убиство кај Смилковското езеро.

– Петте жртви се убиени каде што беa пронајдени и во брз временски период, рече Јаќоски, додавајќи дека жртвите починале од повеќе огнострелни повреди, а траги од крв имало под нивните тела што укажувало дека местото на настанот бил токму таму.

Јаќоски рече дека телото на рибарот Борче Стефановски било пронајдено до автомобилот со лицето свртено кон возилото, а во рацете имал клучеви. На хаубата од возилото било најдено мозочно ткиво.

Семејствата на убиените момчиња и рибарот не присуствуваат на денешното рочиште бидејќи, како што претходно истакнаа, тоа е многу болно за нив и не ќе може да ги следат исказите.

Случајот „Монструм“ во февруари годинава почна од почеток и се уште се наоѓа во доказна постапка.

За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите и случајот го презеде СЈО.