Јакимовски: Во блиска иднина почнуваме со реконструкција на општинската зграда

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски во гостувањето во „Студио 10“ на „телевизија 24“ кажа дека во блиска иднина ќе почнат со реконструкција на општинската зграда и сакаат годинава да се преселат во неа.

Јакимовски нагласи дека оваа година општината нема да има средства за комплетно да се заврши зграда, но верува дека целосно ќе се завршат два ката каде што ќе се префрли општинската администрација.

- Се надеваме годинава дека првите два ката ќе ги решиме. Сакам да ја соберам целата општина тука. Граѓаните на едно место кога ќе дојдат да ги завршат сите обврски од имотно правни односи, тие се под министерство за финансии но во моментот се во Лептокарија, тука да биде и министерство за правда, и за земјоделие, ДИК... Граѓаните практично во една зграда да ги добиваат сите услуги кои се однесуваат на општина Карпош, кажа Јакимовски.

Јакимовски потсети дека првата негова цел по враќањето на градоначалничката позиција беше враќање на долговите и таа е целосно реализирана во текот на минатата година, а годинава ќе се издвојат повеќе средства за проекти.

- Првата цел поставена беше да ги вратиме долговите. Од 5,5 милиони имаме уште 150 илјади долг. Речиси сè вративме за една година. Пет години сметката беше блокирана, на 9 август ја деблокиравме. Сега веќе издвоивме повеќе средства и за фасади, и за лифтови, за кровови, за улици, за обуки за млади возачи сега целосно ќе ги покриеме трошоците, вели градоначалникот.