Семејното насилство во Македонија зема замав од епски пропорции во последниот период. Во овој контекст, Скопје Инфо ќе ви презентира неколку одлуки на нашите судови во врска со оваа проблематика. Нашата цел е да им прикажеме на читателите со каков ужас и страдања се соочуваат жените во нашата држава и како судот ги штити или не ги штити нивните права.
Овој случај датира од 2018-тата година а пресуда е донесена во 2022 година, што значи дека на судот му требале безмалку 4 години да донесе пресуда на очигледна ситуација. Она што го направил М.Н е класично иживување врз неговата тогашна вонбрачна сопруга.
Тепањето од страна на М.Н врз неговата вонбрачна сопруга се случило на На 17.04.2018 година. Тој и нанел телесни повреди. Најпрвин почнал вербално да се расправа , а потоа со тупаници ја удирал во пределот на телото и главата и кога паднала почнал да ја влече за коса, при што ја изнел надвор од куќата, поточно во шупата и земал едно дрво и со истото ја удирал по главата и телото, по што ја фатил за вратот и таа се онесвестила. По кратко време се освестила при што М.Н. продолжил со тепањето, ја удирал по целото тело и ја внел во куќата за да не го пријави настанот во полиција. Околу 06.00 часот наредниот ден кога обвинетиот заспал, таа излегла од куќата и отишла кај нејзиниот брат сведокот М.Д и настанот го пријавила во полиција, како резултат на ударите оштетената А.Д. задобила телесни повреди изразени во вид контузија на главата, гребаници по вратот, хематоми во делот на левата рака пишува во судската одлука.
Земајќи ги во предвид сите овие настани судот наместо затворска казна за насилникот му досудува условна казна. Во пресудата го пишува следново:
„Условна осуда со заштитен надзор така што му утврдува казна затвор во траење од 2-ДВЕ ГОДИНИ и истовремено определува дека вака утврдената казна затвор нема да се изврши, доколку обвинетиот за време од 5-ПЕТ ГОДИНИ сметано од денот на правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.
Воедно, судот спрема обвинетиот М.Н определува заштитен надзор, кој се состои во: -Користење на слободното време според оцена на надлежниот орган согласно закон, во смисла на 56 ст.1 т.8 од Кривичниот законик, а заштитниот надзор да трае во период од 5-ПЕТ ГОДИНИ, сметано од правосилноста на пресуда, заради чие спроведување СЕ ЗАДОЛЖУВА обвинетиот во рок од 15 дена по извршноста на пресудата да се јави во месно надлежната пробациска канцеларија на подрачјето на Основен
Кривичен суд С. за да пробацискиот службеник изготви индивидуална програма и план за спроведување на заштитниот надзор на обвинетиот, согласно чл.10 в.в. со чл.13 и 14 од Законот за пробација“
Она што е интересно судот во врска со овој случај веќе донел една пресуда. Го осудил М.Н. на еднаипол година и тоа во отсуство, но веднаш по пресудата М.Н. поднесува барање за повторување на постапката при што во повторувањето М.Н. целосно ја признава вината во врска со овој случај и одлуката наместо затвор судот му ја заменува со условна казна или затворска доколку не го повтори истото дело во траење од 5 години.
Значајно е да се спомене дека М.Н. бил осудуван повеќе пати за различни кривични дела но неговиот бранител во тоа време сметал дека го судат прв пат за вакво тешко тело и според тоа обвинетиот не заслужува затворска казна.
„Бранителот на обвинетиот адвокат од С., во завршен збор наведе, со оглед на даденото признание на вина, единствено на што ќе се осврне се околностите кои се од влијание при одмерување на видот и висината на кривичната санкција. Во таа смисла, бранителот истакна дека и покрај податокот за претходната осудуваност на обвинетиот, истиот бил осудуван за други кривични дела кои не биле истородни со предметното кривично дело. Обвинетиот на одржаната главна расправа, имал доблест да го признае кривичното дело и на тој начин дал свој придонес кон целисходно и економично окончување на постапката, истиот го сфатил значењето на стореното кривично дело и последиците од истото. Со оглед на наведеното, му предложи на судот да му изрече алтернативна мерка на обвинетиот, условна осуда со заштитен надзор, за која обвинетиот изразува подготвеност да му биде изречена една од законски предвидените мерки, која ќе биде спроведена од страна на пробациската служба, а согласно Законот за пробација. Наведеното, особено од причина што обвинетиот веќе има оформено потесно семејство за кое треба да се грижи“ стои во судската пресуда
Ова е само еден ваков случај, но низ македонските судски лавиринти има десетици случаи каде жените грчевито си ги бараат своите права во надеж дека правдата конечно ќе биде задоволена, но воедно и дека државата ќе прати силна порака до насилниците. Но ваквите судски одлуки се разочарување во добивање на толку посакуваната правда но и надеж.