Ја открив жената во себе тогаш кога ѝ дозволив да дише и да се смее...

Жената во себе ја открив тогаш кога ѝ дозволив да дише, да се смее и кога ништо не е смешно, да трча боса, на штикли, не е ни важно, важно е што жената во мене почна повторно да ми се враќа.

А како ја изгубив?

Еднаш одамна, во тишината на растењето, прво си девојче за кое сите се грижат, а потоа си млада девојка, полна со амбиции и која мисли дека е најпаметна, а потоа од млада девојка се претвораш во жена, жена која е свесна за животот, додека не станеш зрела жена и сфаќаш дека ништо не си сфатила. Се гушиш во сопственото спознание дека времето брзо поминало, а ти и натаму, си само малку поинаква. Сега си заробена во телото на жена која не сакаш да бидеш. Сѐ си направила погрешно. И тогаш почнува хоророт во глава. Стравот. А што сега? Самокритичност. Самосожалување. Солзи. Тага. Анксиозност.  

И така, после сите возможни и невозможни чувства, доаѓа внатрешното распаѓање. Навистина, за да го достигнеш врвот, прво мора да го допреш дното. Така и беше. Тој период беше и најдобар дел од мојот живот, затоа што почнав да си доаѓам на себеси, почнав повторно слободно да дишам. Патото воопшто не беше лесен, но го сакав, го сакав со цело срце, затоа што ме водеше во вистинска насока. Повеќе не ми беше важно тоа што некои шеги не ми се смешни, што не се вклопувам во одредени животни шаблони, важно беше што сум среќна околу тоа што не ми е гајле. 

Овој пат го патував навистина долго, но на крај успешно го завршив. Сега ја разбирам оваа жена која сум денес, која секогаш сум била, само претходно беше сокриена некаде длабоко во себе. Таа гребеше и молеше да излезе и да се покаже, но јас ја игнорирав како да не постои. 

Затоа и се гушев, затоа и чувствував болка која не беше физичка. А денес, седам, сосема поинаква, а иста, денес сум жена која сака да сака и која ја сакаат, мајка кој своите деца ги учи да не се гушат, да го живеат животот, да не се предаваат пред некои глупави норми, кои и онака никој не ги цени.

Сега сум мирна. Си дојдов дома. Ја најдов жената во мене и уживам кога ѝ давам моќ, моќ да биде сѐ што ќе посака, сѐ што јас сакам да бидам. 

За мене, денес трае вечно, нема утре и вчера, моментот е вечен.

Не чекајте, разбудете ја жената во себе, дајте ѝ шанса и таа ќе ви возврати со тоа што ќе ви даде животна моќ! Верувајте дека вреди!